Доделени нови 30 решенија за вработување на деца без родители

Нови 30 решенија за вработувања на лица кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа денеска беа врачени во Владата на Република Македонија. Решенијата ги врачија премиерот Никола Груевски и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Груевски потенцира дека за жал во изминатите 20 години овие лица биле ставени на маргините, но оти со доаѓањето на оваа влада настанала нова ера за лицата кои до 18 години имале статус на деца без родители.

deca_bez_Rod (2)

Во тој контекст, премиерот се осврна на бројните мерки кои што Владата и државата ги презема за решавање на проблемите на овие лица.

Тука напомена дека е зголемена еднократната парична помош што овие лица ја добиваат кога го напуштаат домот и дека таа во моментов изнесува 3.000 евра, наспроти износот од 18.000 денари или 300 евра којшто овие лица во минатото го добивале при напуштање на домот.

Исто така, Груевски напомена дека лицата кои што имаат статус на деца на родители и кои што се запишале на факултет добиваат месечна финансиска помош, со што, како што нагласи, дополнително е зголемен бројот на лица кои што завршуваат високо образование.

-Пред 20-тина година бројот на лицата кои што израснале во Дом и завршиле факултет беше еден до два, потенцира Груевски.

Тој исто така нагласи дека во моментов се спроведува обука за компјутерски вештини и англиски јазик, која што ја посетуваат околу 400 лица.

Во делот на решавање на станбеното прашање, обезбедени се 134 социјални станови наменети токму за оваа категорија на граѓани.

deca_bez_Rod (3)

Покрај овие мерки, премиерот нагласи дека Владата презема и дополнителни мерки за субвенционирано вработување на лицата кои до 18 години имале статус на деца без родители, како и директно вработување во Министерствата.

Ова директно вработување се одвива етапно. Денеска беа издадени решенијата за 30 нови вработувања, а Груевски најави дека паралелно денеска завршува огласот за дополнителни нови 30 вработувања кои треба да се реализираат оваа 2015-та година.

Покрај премиерот Груевски, пред присутните се обрати и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој потенцира дека програмата т-10 е само уште едно продолжување на конкретните мерки и чекори што Владата на Република Македонија ги превзема за лицата кои до 18 години имале статус на деца без родители и родителска грижа.