Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, денеска ги додели првите 40 ваучери за новороденчиња за оваа година.
Со денешното доделување, се означува продолжувањето на овој проект, кој е донесен на лична иницијатива на градоначалникот, а едногласно и оваа година, поддржан од Советот на општината.
-И во годинава која тукушто започна, општина Кисела Вода, од својот буџет обезбеди по 6000 денари за секое семејство со принова кое ги исполнува зададените критериуми. Се работи за скромна помош преку која, вам, на новите родители, ќе Ви излеземе во пресрет за оние први потреби кои доаѓаат заедно со новороденчето. Сигурна сум дека ќе ве израдува и информацијата дека општина Кисела Вода, неодамна отвори и две нови градинки, едната во Црниче, а другата во Припор, со што уште еднаш даваме потврда на своите искрени заложби за создавање на најдобри можни услови за сите свои жители, а посебно за најмладите, потенцираше Беличанец-Алексиќ.
Доделувајќи ги ваучерите, таа уште еднаш потсети на критериумите за добивање на еднократна парична помош за семејствата со принова и додаде дека проектот продолжува и во оваа година, која за општина Кисела Вода е јубилејна, но и до крајот на нејзиниот мандат.