Милорад Додик, српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, изјави во интервјуто објавено во неделата во шпанскиот тиражен дневен весник El Mundo дека „БиХ“ е пропаднат проект и дека најдоброто решение за оваа држава е Бошњаците, Србите и Хрватите да се „раздвојат на цивилизиран начин“.
„БиХ нема да може да опстане поради истата причина поради којашто не опстана Југославија. Во БиХ постојат три народа. Два од нив, Хрватите и Србите, се многу незадоволни. Муслиманите сакаат да создадат унитарна држава во којашто тие би биле доминантниот народ“, вели Додик.
„Нашата политика не е насочена на сецесија. Зборуваме за поинаква можност, заснована на процената дека БиХ нема да биде успешна како држава. Доколку биде така, најдобро е да се раздвоиме на цивилизиран начин“, вели лидерот на босанските Срби.
Додик истакнува дека Србите нема „да започнат војна за да се отцепат’, но повторува дека е најдобро раздвојувањето „доколку не може да се живее заедно“. Нагласува дека Србите „го бранат политичкиот процес“ кон постигнувањето на таа цел и дека приказните за можна војна се „бесмислени“.
Вели и дека БиХ постои како држава единствено поради притисокот на меѓународната заедница. „Тоа е експеримент на странците“, нагласува Додик.
„Првото што го предлагам е дека странците треба да престанат да управуваат со оваа земја, бидејќи таа е единствената колонија којашто моментално постои во Европа. Нека нѐ пуштат да пронајдеме консензус, доколку е возможно“, вели Додик.
Ја повтори својата оцена дека сегашниот висок меѓународен претставник, германскиот дипломат Кристијан Шмид нема право да воведува закон во БиХ.
„На изборите пред три години освоив најмногу гласови, многу повеќе отколку двајцата мои колеги од Претседателството заедно. И сега доаѓа тој Германец и вели дека иднината на БиХ нема да се конституира со Додик. Што тој мисли, кој е тој?“, вели Додик.
Германскиот дипломат Шмид, имено, треба да ја добие довербата во Советот за безбедност на ОН, каде што Русија и Кина, постојани членки со право на вето не го поддржаа неговото именување. Меѓутоа, Западот предводен од САД не ја уважуваат оваа досега воспоставена практика и сметаат дека е доволно да го потврди Советот за спроведување на мирот (PIC) кој го контролираат и кој ја контролира работата на Канцеларијата на Високиот претставник во БиХ.
„Босна и Херцеговина е еден пропаднат проект (…) Босна и Херцеговина се наоѓа пред тешка криза. Оваа криза не дојде сега, таа отсекогаш е тука“. Босна и Херцеговина е синоним за криза“, заклучува Додик.