Додик: Ќе продолжиме до крај, ќе се отцепиме од Босна и Херцеговина

Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, најави дека актуелната влада на Република Српска, која ја предводи, ќе продолжи со напорите за постигнување на целта – отцепување на овој ентитет од Босна и Херцеговина.

Додик, кој од почетокот на декември се опоравува по операцијата извршена во Белград, заради проблеми со хранопроводникот, заедно со своите адвокати тврди дека не е во состојба да учествува во продолженото судење што се води против него пред Судот на Босна и Херцеговина. Но, тоа не го спречи да испрати нови пораки во кои ги повторува своите стари закани.

Во интервјуто за бањалучкиот весник „Глас Српске“, Додик истакна дека тој и неговите соработници успеале да се спротивстават на сите притисоци на кои биле изложени во текот на минатата година и изрази подготвеност за продолжување на напорите во 2025 година со цел да се оствари конечната цел.

„Нашата политичка цел е независноста и самостојноста на Република Српска, и тоа е нешто што сите го разбраа“, рече Додик.