Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, во петокот потпиша указ за прогласување на законот, кој претходно беше откажан од високиот претставник Кристијан Шмит, со што продолжи да го интензивира конфликтот со меѓународната заедница.
Од кабинетот на Додик потврдија дека тој го потпишал законот според кој одлуките на високиот претставник нема да се објавуваат во Службен весник на ентитетот, ниту да се спроведуваат.
Но, Шмит го поништи тој закон на 1-ви јули, а во исто време одлучи дека секој обид за спроведување на законот ќе стане кривично дело казниво со години затвор.
Со формалното објавување на спорниот закон, Додик сега е потенцијален обвинет за кривично дело дефинирано како „неизвршување на одлуките на високиот претставник“. Доколку би бил осуден, тоа би значело автоматска забрана за вршење на сегашната функција.
По интервенцијата на високиот претставник, со чие именување не се согласија покрај срспакта страна и Русија и Кина, лидерот на босанските Срби постојано ја засилува полемиката со претставниците на меѓународната заедница во БиХ, каде најжестоко го напаѓа Шмит, но и амбасадорите на САД и Велика Британија, земји под чии долгогодишни санкции.
Објавувајќи ја својата одлука на 1-ви јули, Шмит повика на дополнително воведување на „таргетирани санкции“ против лицата за кои се проценува дека го загрозуваат мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто оваа седмица во текот на неговата посета на Бања Лука потврди дека владата на премиерот Виктор Орбан ќе продолжи да се противи на воведувањето санкции на ниво на Европската унија, што потоа ја исклучува одлуката што би ја донел Европскиот совет.
Медиумите во БиХ сега шпекулираат дека се разгледува опцијата за санкции кои би биле воведени поединечно од земјите на ЕУ кои се подготвени да го сторат тоа. Порталот Klix во петокот тврди дека најмалку 20 членки на ЕУ се подготвени на тој чекор за кој наводно интензивно се преговара.
Покрај Додик, кој веќе не може да патува во САД и Велика Британија, на списокот на санционирани наводно ќе се најдат и неговите најблиски соработници, како што се претседателот на парламентот на Република Српска, Ненад Стевандиќ и премиерот на ентитетот Радован Вишковиќ.