Додик го потпиша указот за прогласување на Законот за криминализација на клевета во Република Српска

Претседателот на Република Српска Милорад Додик денеска го потпиша Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на Република Српска, според кој клеветата повторно стана кривично дело.

„Го објавувам Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик на Република Српска, кој беше усвоен од Народното собрание на Република Српска на седницата одржана на 20 јули 2023 година“, стои во Указот.

Кога овој закон ќе биде објавен во Службен весник на РС, што е следниот чекор, клеветата повторно ќе стане кривично дело во овој ентитет во БиХ.

Босна и Херцеговина беше прва во регионот што ја декриминализираше клеветата, со донесување на Законот за заштита од клевета, но властите на РС одлучија да ја вратат од граѓански спорови во сферата на кривичната постапка.

Против овој закон беа опозицијата, медиумската заедница во РС и БиХ, граѓанскиот сектор и претставници на меѓународните организации.