Српскиот член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, изјави во неделата дека ентитетот Република Српска има исти амбиции за независноста како и отцепената поранешна јужна српска покраина Косово, како и дека целосно го поддржува официјален Белград кој инсистира на создавање на заедница на српските општини.
„Оние коишто ја туркаат приказната за независност на Косово мора да сметаат дека Република Српска тоа истото го посакува, без оглед на тоа што некои друг очекуваат дека тоа не е факт“, вели Додик во изјавата за ентитетската Новинска агенција на Република Српска (СРНА).
Додик овој одговор го дава на прашањето да ја коментира изјавата на поранешниот косовски министер за надворешни работи Беџет Пацоли кој на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, му порача дека има само една можност – да го признае независно Косово, бидејќи тоа е реалност.
Додава дека Република Српска и тамошните Срби ја поддржуваат Србија и нејзините власти во однос на Косово. Додик појаснува дека секое решение на Косово мора да ја вклучува заедницата на српските општини.
„Косово не е само она што мислат Албанците, туку тоа е Резолуцијата 1244 (на Советот за безбедност на ОН – з.р.), тоа се стандарди пред статусот како што тоа е порано разговарано, заедница на српските општини која треба да се формира според договорот од Брисел. Сето тоа треба да биде услов за какво и да е продолжување на преговорите, а не само точка за која денес Албанците мислат дека треба да се реши“, вели Додик.
Според него, Босна и Херцеговина поради ставот на Република Српска нема да го признае Косово.
„Секако дека БиХ не го призна Косово, ниту има намера да го признае, бидејќи Република Српска не сака тука двојни стандарди“, вели Додик.
Го повторува ставот дека Босна и Херцеговина како држава им е наметната на Србите. Притоа Додик дека Република Српска го потпишала Дејтонскиот договор, предупредувајќи дека тој договор странците го уништиле.