Догодина само со електронска картичка во јавниот превоз

картичка

Пет гратис возења, ќе му следуваат на секој кој ќе ја набави новата електронска картичка во првиот месец. Цената ќе изнесува 150 денари а ќе може да се купи во самото возило. Секој патник во јавниот градски превоз ќе биде должен да поседува ваква карта, персонализирана или неперсонализирана.

Неперсонализираните картички се наменети за оние кои поретко го користат јавниот градски превоз. На нив, нема да има фотографија и ќе може да ја користат повеќе лица. Првичната цена на истата ќе биде 150 денари, а за оние кои ќе ја купат во првиот месец, ќе добијат и пет гратис возења. Гратис возењата ќе важат во месец јануари. Покрај во возилата, картичките ќе може да се купат и во сите 26 билетарници на ЈСП, во инфо-центрите, како и во продавниците кои имаат склучено договор со ЈСП.

Што се однесува до цената, таа ќе биде непроменета, односно возењето ќе чини 35 денари. „Кредитот“ на картичките ќе може да се надополнува со најмалку 100 денари. Ќе постои и опција за плаќање со помош на мобилен телефон, но истото ќе чини 40 денари.

За официјалниот старт на новиот начин на наплата граѓаните дополнително ќе бидат информирани преку плакати во возилата.