Изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп почнува во наредниот период. Денес беше потпишан договор со Шпанската компанија Констракшн Рубау која ќе ја гради првата фаза од патот и тоа од Фаришка до Дреновска клисура во должина од 10 километри.
Договорот е вреден 31, 8 милиони евра, а изведувачот има рок од 24 месеци да ја заврши изградбата на оваа делница. Според проектот, патот ќе биде во широчина од 12, 4 метри, со по две ленти од по двете страни со широчина од 3, 5 метри и 2, 5 метри.
Изградбата на овој пат од Градско до Прилеп ќе се изведува во три фази. Втората фаза ќе се гради од Градско преку Росоман до клучката Кавадарци во должина од 16 километри. Третата фаза се планира да започне од месноста Тројанци па се до влезот на Прилеп во должина од 7, 5километри.
Во исто време се потпиша и договор за реконструкција на регионалниот пат Кочани – Делчево, во должина од 30 километри. Инвестицијата за целосна рехабилитација на оваа делница изнесува 6 милиони евра. На овој пат се очекува градежните работи да започнат во наредниот период. Изведувач на овој проект е домашната компанија Гранит.
Оваа година покрај овие два патишта за кои веќе се склучи договор ќе започнат со изградба на уште 4 нови експресни патишта и тоа: Штип – Кочани, Штип – Радовиш, Охрид – Пештани, Ранковце – Крива Паланка со вкупна должина од 104.5 километри и инвестиција со проценета вредност од околу 247 милони евра, како и реконструкција на уште пет регионални патишта.