
Москва и Дамаск во август потпишаа договор со кој се одобрува руско воено присуство во Сирија без временско ограничување, соопшти денеска Кремљ.
Договорот е потпишан во Дамаск на 26 август минатата година, повеќе од еден месец пред Русија да ја почне воздушната кампања против Исламска држава и другите терористички групи во Сирија на барање на сирискиот претседател Башар ал Асад.
Според договорот Русија распореди воени авиони и војници во базата во Латакија.
Договорот е склучен за да се одбрани суверенитетот, територијалниот интегритет и безбедноста на Руската Федерација и Сириската Арапска Република, се наведува во потпишаниот документ.