Договорени критериумите на ЕУ за означување на зелените, портокаловите и црвените зони

Aeroporti di Roma, 9 ottobre 2020. ANSA/ TELENEWS

Амбасадорите на земјите членки на Европската унија ги усогласија во петокот критериумите за означување на регионите според бројот на заразените со коронавирусот на 100.000 жители и процентот на позитивни меѓу тестираните, за да се олесни движењето на луѓето во услови на пандемијата.

Постигнат е договор за тоа кои региони ќе се сметаат за „зелени, „портокалови“ и „црвени“ зиони, според заеднички критериуми, Со сива боја, пак, ќе бидат означувани подрачјата за кои нема доволно податоци.

Ова би требало да помогне да се стави крај на сегашната хаотична ситуација во која многу тешко се доаѓа до вистинската слика, бидејќи сите земји различно ги дефинираат зоните. Договорените насоки би трабало да бидат потврдени следната седмица на министерски ниво.

Боите ќе се одредуваат според ажурираните податоци коишто секоја седмица ги објавува Европскиот центар за контрола и превенција на болестите.

Со зелена боја ќе бидат означени регионите со помалку од 25 заразени на 100.000 жители во текот на 14 дена и каде процентот на позитивните на тестирањата е под 4 отсто.

Со портокалова ќе се означуваат областите во кои бројот на заразените на 100.000 жители е помал од 50 а стапката на позитивни на тестовите е 4 или повеќе проценти, или доколку бројот на заразените варира меѓу 25 и 150 случаи, но стапката позитивни на тестирањата е под 4 отсто.

Црвената боја значи дека во зоната има 50 или повеќе заразени на 100.000 жители и повеќе од 4 отсто позитивни на коронавирусот на тестирањата.

Земјата членка којашто предвидува воведување рестриктивни мерки за патниците кои доаѓаат од некое подрчје или во него патуваат, треба да ја извести таа земја однапред најмалку 48 часа пред стапување на сила на новите мерки.