![koridor-10-b-crop](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/koridor-10-b-crop.jpg?resize=667%2C481&ssl=1)
„Морам да кажам дека од свиркачи го добивме целиот договор. Не знам дали е тој истиот, но еве ние ќе објавуваме во јавноста, па Владата нека демантира дали е тоа така или не е. Го добивме и го анализираме“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за договорот со „Бехтел и Енка“.
Тој посочи дека секое јавно настапување ќе се користи за објавување нешто ново.
„Денеска можеме да кажеме дека договорот на Ковачевски и Груби или Груби и Ковачевски, е скандалозен по стотина основи. Ќе кажам дека во договорот има еден елемент кој вели дека законодавството пред кој овој договор одговара е законодавството на Англија и Велс“, истакна Мицкоски.
Истакна дека ги анализирале и договорите на „Актор“ и на „Синохидро“ кои и едниот и другиот се поврзани со законодавството во Македонија. За разлика од тие два проекта, овој проект при евентуален спор, важечко ќе биде законодавството на Англија и Велс.
„Доколку утре имаме спор, а ќе имаме, бидејќи нема цени, од тоа што можевме да го видиме, за најмалку 30 ставки. Тогаш ние ќе треба да се појавиме во Париз пред меѓународната стопанска организација и да го водиме спорот“, кажа Мицкоски.
Скандалот да биде уште поголем, тој е сосема спротивен модел односно аглосаксонски модел и нема никаква врска со континенталниот модел на македонското законодавство.
„Втора работа што ќе ја кажам денеска е дека, освен во клучните зборови на почеток на договорот, зборот Фидик, никаде понатаму во самиот договор не се споменува бидејќи велеа, според Фидик ќе го прават. Што е зборот Фидик? Тој е меѓународен стандард по кој се реализираат меѓународни договори“, вели Мицкоски.
Тој упати повик до претседателот на Стопанската комора на Македонија да покани претставници од ВМРО-ДПМНЕ на настанот за договорот со „Бехтел и Енка“.
„Го повикувам претседателот на СКМ, Бранко Азески, бидејќи организира претставување на овој договор во рамки на стопанската комора, на кој ќе биде првиот вицепремиер Артан Груби и ќе го презентира, да дозволи и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и луѓе од ВМРО-ДПМНЕ да бидат присутни на тој настан и да го презентираме нашиот став пред стопанствениците“, кажа Мицкоски.