Договорот за извозот на украинското жито следната седмица

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, изјави во средата по тричасовниот состанок на претставниците на Русија, Украина и посредникот Турција, дека е постигнат „важен“ чекор кон извозот на житото до црноморските пристаништа, а официјална Анкара очекува дека договорот ќе биде потпишан следната седмица.

„Следната седмица, се надеваме, ќе имаме конечен договор. Меѓутоа истакнувам, ќе биде потребно уште многу добра волја и преземање обврски од сите страни. Пред нас сѐ уште е долг пат, изјави Гутереш за новинарите во Њујорк откако бил известен за исходот од тристраниот состанок во Истанбул на кој присуствуваше и делегација на светската организација.

Разговорите меѓу функционери на Русија, Украина, Турција и ОН за обновувањето на извозот на житарки преку црноморските пристаништа, кои се блокирани поради војната во Украина, се завршен со договор за формирање Центар за координација кој би требало да се грижи за безбедноста на поморските рути.

„Договорот ќе биде потпишан следната седмица кога сите страни повторно ќе се сретнат. Страните се договорија дека ќе вршат заеднички контроли поради проверки на житото во пристаништата“, изјави по средбата турскиот министер за одбрана, Хулуси Акар.

Најавата за обновување на извозот преку големото црноморско пристаниште Одеса влева малку оптимизам во време кога се влошува прехранбената криза, особено за сиромашните земји.

Договорот за кој Гутереш и неговите помошници преговараат повеќе од два месеца, треба да овозможи преку црноморските пристаништа да се извезат 20 милиони тони житарки складирани во украинските силоси, меѓу кои и на Одеса, а исто така, да ѝ го олесни и извозот на Русија и покрај западните санкции, да извезува и нејзини житарки и особено важното земјоделско ѓубриво како најголем светски производител.

Русија посочува дека САД и Европската унија лажат кога велат дека нивните антируски санкции не се однесуваат на храната, бидејќи под санкции се руските пловила, забранет е поморскиот транспорт на производи од Русија а исто така забрането е и осигурување на бродови кои пловат под руско знаме или пренесуваат руски стоки. Покрај логистиката, и западните санкции врз рускиот финансиски систем и руските банки, исто така, го оневозможува извозот.

Ова беше всушност првата директна средба на претставници од Украина и Русија од крајот на март, исто така, во Истанбул кога и двете страни како и Турција објавија дека се прецизира скорешен мировен договор. Но веќе на почетокот од април во ненајавени посети на Киев допатуваа американскиот министер за одбрана Лојд Остин и британскиот премиер Борис Џонсон, по што Украина се повлече од преговорите и оттогаш преговарачките делегации на двете земји немаа никаков контакт.

Според дипломати, извозот на украинските житарки преку Црното Море ќе се одвива преку безбедносни коридори. Всушност, Русија повеќепати организираше такви „хуманитарни безбедни коридори“ кои не беа користени, а опасност за пловидбата преставуваат и подводните мини кои украинската војска ги поставила уште пред почетокот на војната во февруари, од кои многу сега слободно плутаат во Црното Море.

Разминирањето ќе биде неопходно, зашто минирани се и самите пристаништа, но западни дипломати тврдат дека имало и морски рути кои наводно не биле минирани.

Прекинот на огнот во тие зони ќе мора да се почитува, а турските комерцијални бродови ќе бидат претресувани а тоа ќе го правата претставници на ОН за да се увери Русија дека со тие пловила нема да се превезува оружје за Украина.