Поквалитетни здравствените услуги за граѓаните, побрза дијагностика и поефикасен третман, ова ќе бидат бенефитите од новата медицинска апаратура вредна 33 милиони евра, која што вчера ја најави претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски која рече дека во рок од четирите години се планира набавка на вкупно 3.700 најсовремени медицински апарати за секоја здравствена установа во Македонија. Докторите кои што секојдневно со пациентите ја водат битката со разните болести велат новата апаратура ќе значи подобри услови и за нив и за граѓаните, ќе овозможи многу подобро лекување, навремено откривање на голем број здравствени проблеми и поефикасен третман на истите. Опремата која што треба да се набави, велат докторите со кои разговаравме, ќе отворат пат за воведување на нови методи на лечење, а за голем број медицински зафати македонските граѓани повеќе нема да бидат принудени да заминуваат на клиниките во странство.
Акцентот во првата фаза, како што најави Груевски, ќе се стави на комплетна обнова на опремата за стерилизација во македонското здравство, а се планира и набавка на осум нови мамографи за што ќе се инвестираат 625 илјади евра.
Директорот на Клиниката вели со новата опрема за голем број лекувања пациентите повеќе нема да мора да заминуваат во странство.
„Со досегашната значително се подобри квалитетот на здравствените услуги на клиниката илјадници пациенти се лекувале со опремата којашто досега е набавена, а оваа која сега ќе се набавува уште повеќе ќе го зголеми квалитетот што им го пружаме на нашите пациенти, со воведување на нови методи за кои што пациентите порано морале да се лекуваат во странство, а сега ќе им бидат достапно на нашата Клиника“, вели Чапаровски.
Со новата апаратура велат докторите не само што ќе се фати чекор со современите здравствени установи во светот , туку значително ќе придонесат и за спасување на човечки животи.
„Подигање на нивото на здравствените услуги тоа значи спасување на многу човечки животи, брза дијагностика, брз третман било оперативен било конзервативен. Македонија е земја која е членка на една престижна организа СЗО и не смее да си дозволи да биде надвор од неа… Во наредниот период од четирите години пациентите ќе добијат побогата и пософистицирана опрема со која што ние лекарите ќе може да ги лекуваме.
„Оваа набавка ќе ги надополни сегментите кои што ни недостасуваа на Клиниката во однос на опремата и едукацијата која што е во тек, така што со новата опрема ќе можеме да се справиме во сите сегменти со она што ни е основна задача“, вели доктор Софијанова.
„Приоритет на ЗД „Скопје“ спрема место на живеење кон секој граѓаните ЗД „Скопје“ покажа дека силно засилување на ресурсите во опрема и кадар преставува голем бенефит за корисниците на здравствени услуги, претставува институцијата филтер во однос на терцијалното здравство бидејќи високи 94 отсто од пациентите комплетно се дијагностицирани и третирани од докторите на ЗД Скопје“, вели доктор Баевска Вучковиќ.
Според најавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, само Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје ќе добие вкупно 936 нови апарати вредни речиси 11,5 милиони евра, за општите болници во главниот град предвидени се 93 апарати во вредност од 930 илјади евра.
Нова медицинска апаратура во вредност од 705 илјади евра, според планот што го презентираше Груевски, треба да добие и општата болница Охрид. Станува збор за 50 медицински апарати во сите области на здравството, кои ќе значат унапредување на медицинските услуги на градот Охрид.
„Овие апарати ќе ни послужат да се модернизираме да ги отстраниме старите апарати и со нови апарати да надополниме и уште што е поважно некои од апаратите веќе ни се вклопуваат во таа развојна политика да и понатаму воведуваме нови медицински методологии со цел нашите граѓани што помалку одат во други градови за обезбедување на здравствена заштита. изјави Љубен Арнаудов директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.
Здравствените установи во Битола, како што најави Груевски, ќе добијат 149 апарати во вредност од 1,2 милиони евра, Клиничката и специјалната болница и здравствениот дом во Тетово ќе се опремат со нови 290 апарати вредни два милиони евра. Околу 250 нови апарати се планираат за здравството во Штип. Претседателот на ВМРО ДПМНЕ најави дека со оваа набавка некои градови и здравствени центри за првпат ќе добијат современа медицинска апаратура како Кавадарци и Кочани за каде што се планира набавка на компјутерска томографија.
„Со набавката на ваквата опрема Македонија ќе отиде значаен чекор понапред во областа на здравството. За секој апарат имаме прецизни рокови и средства со кои што ќе биде набавен. И сето ова ќе биде дел од нашата нова програма. 33 милиони евра само за околу 3700 нови медицински апарати и опрема. Ова е нашиот придонес за подобра Македонија. Граѓаните знаат дека ние нашиот збор го остваруваме и дека може да ни веруваат. Заедно ќе направиме многу повеќе. Нашата борба за напредок во секое поле продолжува. На овие избори граѓаните ќе одлучуваат помеѓу оние кои даваат лажни и нереални ветувања, кои шират манипулации, деструкција и секој ден се натпреваруваат во тоа која поголема лага и невистина ќе ја објават, и нам кому граѓаните може да ни веруваат, кои имаме програма, имаме цел и принципи до кои се држиме. Но и минат труд кој е гаранција дека ќе оствариме многу и многу повеќе од она што го ветуваме “, рече Груевски.
Набавката на опремата според предвиденото во програмата на ВМРО ДПМНЕ , би се спровела во рок од четири години и ќе бидат опфатени сите здравствени установи во секој град низ државата.