Проектот „Наш специјалист“, кој покажува одлични резултати од спроведувањето во Берово, Валандово, Крива Паланка, Виница, Неготино и Свети Николе, Министерството за здравство од 25 април (сабота) почнува да го реализира и во Радовиш и во Делчево.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека почнувајќи од 25 април во Здравствениот дом во Делчево со патен налог ќе се упатуваат доктори специјалисти од областа на ортопедија и урологија кои ќе вршат амбулантски прегледи секоја сабота од 8 до 15.30 часот, додека во Здравствениот дом во Радовиш ќе се упатуваат специјалист невролог и специјалист интернист за ЕХО кардиографски прегледи, кои во оваа здравствена установа ќе работат секоја сабота од 8 до 15.30 часот.
Термините, појасни министерот, за овие специјалистички прегледи и во Делчево и во Радовиш се веќе креирани во системот „МојТермин“.
– Овој проект го воведовме во рамки на последните измени на Законот за здравствена заштита со кои се овозможи Министерството за здравство со патен налог да упатува доктори специјалисти од една во друга здравствена установа со цел да се надомести недостигот од доктори специјалисти односно од таков тип специјалистички услуги низ градовите во Република Македонија, рече Тодоров.
Тој посочи дека во изминатиот период, според податоците од системот „МојТермин“, во Здравствен дом – Делчево имало 1.807 упати за специјалистички прегледи по ортопедија во најблиските болници или на клиниките и токму затоа се одлучиле проектот „Наш специјалист“ да го прошират и во Делчево, имајќи предвид дека тие пациенти изминатиот период за определена здравствена услуга биле обврзани да патуваат надвор од местото на живеење и да бидат изложени на трошоци.
– Идејата е со овој проект оваа здравствена услуга да биде доближена до граѓаните, односно да ја добијат во нивното место на живеење. Анализата на податоците од „МојТермин“ покажа дека во Здравствен дом-Радовиш најголем број од упатувањата во други јавни здравствени установи се за интернистички прегледи. Затоа се одлучивме во Радовиш да испратиме интернист, имајќи предвид дека изминатиот период 2.520 пациенти биле упатени од тој град во друг град за да добијат здравствена услуга од специјалист по интерна медицина, рече Тодоров.
Најголем дел од овие пациенти, нагласи, се упатуваат за ЕХО кардиографски прегледи, според индикацијата која ја има во системот, кои од сега со проектот „Наш специјалист“ ќе се вршат секоја сабота во Здравствен дом-Радовиш.
Според податоците од „МојТемин“, нагласи, од моментот на започнување на проектот „Наш специјалист“ досега има направено околу 400 прегледи.
– Тоа се околу 400 пациенти кои досега добиле здравствена услуга во нивното место на живеење и не биле изложени на патувања во други градови.