Документарецот за македонските одбојкари, „Живеејќи го сонот“, награден во Милано

“Живеејќи го сонот”, спортскиот документарец на МРТ за македонската машка одбојкарска репрезентација, ја освои наградата “Mention D’ Honneour” на 42nd Sport Movies and TV film festival” во Милано, Светското првенство поддржано од Интернационалниот Олимписки Комитет.

Претходно, ова дело беше прогласено за најдобар долгометражен филм на фестивалот во Будва, а за МРТ е четврта награда на четири фестивалски настапи во последните 3 години откако „Среќна 13-ка“ за нашиот прославен кошаркар Благоја Георгиевски-Буштур лани ја освои истата награда во Милано.

-На наградата пишува “Macedonian Radio and Television – Rep of Macedonia. Тоа за мене е најзначано, позначајно од самото задоволство што повторно се качивме на бина во силна конкуренција на наградени филмови од Австралија, САД, Кина, Јапонија, Германија, Италија…, вели спортскиот коментатор Тони Стојановски, кој е сценарист на “Живеејќи го сонот”.

-Се радувам што го одржуваме ритамот и по наградите во Златибор и во Милано минатата година, како и во Будва во септември, сега повторно се враќаме со успех од фестивал којшто е најголемото светско натпреварување во конкуренција на спортски документарци, изјави режисерот Тони Ристовски.

Тандемот Тони и Тони најавува нов проект.