Доларот ја губи моќта

На валутните пазари индексот на американскиот долар, кој во вторникот го допре највисокото ниво во последните пет месеци од 105,10 процентни поени во однос на кошницата од шесте најважни светски валути, во средата во претпладневното тргување падна на 104,76 поени.

Подемот на американската валута го загуби залетот по уште една серија силни американски економски податоци, кои покажаа дека во март производството се зголемило првпат по година и половина, а растот на новите нарачки, исто така, бил поголем од очекуваното.

„Пазарите генерално ги намалија своите очекувања за намалување на каматните стапки во последните седмиции, имајќи ја предвид силата на американските економски податоци и противењето на претставниците на Fed“, вели Керол Конг, валутен стратег во „Commonwealth Bank of Australia“ (CBA)

Курсот на јенот за долар се движи околу 151,5 јени за долар, што е блиску до најниското ниво во последните 34 години од 151,975 јени, и покрај историската промена во монетарната политика на централната банка на Јапонија.

Всушност, Bank of Japan (BoJ) ги зголеми каматните стапки минатиот месец првпат по 17 години, но откако креаторите на монетарната политика го најавија нивното натамошно бавно зголемување, курсот на јенот сè уште нема сила да се опорави, особено со оглед на сè уште многу големиот јаз меѓу приносите во јапонска и американска валута. Натамошното лизгање на јенот во однос на доларот го запира само стравувањето од можна девизна интервенција на јапонските власти.

Курсот на еврото благо зајакна за 0,02 отсто во однос на доларот, на 1,0772 долари.