Доларот близу највисоките нивоа во три седмици, во фокусот централните банки

Курсот на американскиот долар се задржа близу највисоките нивоа во последните три седмици кон кошницата валути, додека фокусот на инвеститорите се насочува кон идните потези на водечките светски централни банки, при што јапонската очекувано ја задржа ултрапопустливата монетарна политика.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската валута во однос на другите шест најзначајни светски валути од најголемите трговски партнери на САД, во претпладневното тргување изнесуваше 96,32 поени, со што се задржа близу 96,484 поени, највисокото ниво во последните три седмици, на кое накусо се качи во тргувањето во вторникот.

Притоа со доларот се тргуваше по 109,59 јени, што значи дека зајакнал за околу 0,2 отсто во споредба со претходното затворање на валутните пазари. Со еврото, пак, се тргуваше по горе-долу непроменет курс во споредба со претходното затворање, од 1,1367 долари, додека британската фунта благо зајакна на 1,2961 долари, откако во тргувањето во вторникот цената ѝ порасна за околу 0,5 отсто.

Централната јапонска банка Bank of Japan (BoJ) очекувано не ја менуваше сегашната монетарна политика, но ги намали процените за инфлацијата, имајќи го предвид поголемиот од очекуваното пад на јапонскиот извоз во декември што ја истакнува потребата од поттикнувачки мерки во економијата којашто се потпира на трговијата.

Во фокусот и натаму се случувањата во Велика Британија, откако планот на премиерката Тереза Меј за условите на брегзитот минатата седмица беше отфрлен во британскиот парламент. Оттогаш законодавците се обидуваат да ја решат кризата, но засега ниедна опција за излегувањето од ЕУ нема мнозинска поддршка од парламентарците.

По претпазливите пораки од BoJ, фокусот на пазарите сега се пренасочува кон утрешната седница на Европската централна банка (ECB), од кој пазарите очекуваат функционерите да потврдат дека заканите за економијата во еврозоната се сѐ поголеми.

Во понеделникот голобалниот кредитор Меѓународниот монетарен фонд (IMF) ги намали по втортпат за три месеца процените за раст на светската економија, наведувајќи ги како причини поголемото од очекуваното забавување на активностите во Кина и во еврозоната. Предипреди, исто така, дека тоа дополнително би ја дестабилизирале глобалната економија, доколку не биде изнајдено решение во актуелната американско-кинеска трговска пресметка.