Доларот на најниско ниво во еден месец

На валутните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути падна и минатата седмица, вторпат со ред, бидејќи инфлацијата во САД се намалува, па зајакнаа шпекулациите дека американската централна банка ќе ги намали каматите веќе во септември.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути, минатата седмица се лизна за 0,8 отсто, на 104,08 поени, најниско ниво за повеќе од еден месец.

Истовремено вредноста на доларот во однос на европската валута падна за 0,6 отсто, па цената на еврото достигна 1,0905 долари.

Минатата седица еврото значително зајакна во однос на доларот, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од резултатите од општите избори во Франција, односно неспехот на крајната десница која имаше големо водство по првиот круг. Но, ниту еден од трите блока не доби апсолутно мнозинство во парламентот, па сѐ уште владее политичката неизвесност.

Кајната десница Национален собир (RN), предводен од Мари Ле Пен, заврши само на третото место според бројот на пратеници, додека левичарската коалиција Нов народен фронт (NFP) неочекувано победи. Центристичкиот блок Заедно на претседателот Емануел Макрон е на второто место. Имајќи предвид дека ниту еден од блоковите не освои апсолутно мнозинство, напорите за формирање нова влада ќе се фокусираат на барање потенцијални сојузи и освојување поединечни членови на парламентот од други групи.

Курсот на доларот уште посилно потона во однос на јапонската валута, за 1,8 отсто, на 157,90 јени. Остриот пад на доларот во однос на јенот најверојатно се должи на интервенција на пазарот, велат трговците, иако јапонската централна банка не го потврди тоа. Но, монетарните власти во Токио долго време предупредуваа дека ќе интервенираат доколку цената на јенот премногу падне, а до неодамна таа лебдеше на најниското ниво од 1986 година.

Во фокусот на инвеститорите минатата седмица беше извештајот на претседателот на Fed, Џером Пауел до американскиот Конгрес за состојбата во економијата. Пауел наведе дека податоците за инфлацијата се подобруваат, иако сѐ уште се над целта од 2 отсто, така што натамошните подобрувања ќе ја отворат можноста за намалување на каматните стапки. Тој, исто така, посочи дека предолгото задржување на каматните стапки на покачени нивоа може да ѝ наштети на економијата, но и дека неговите изјави не испраќаат никакви сигнали за идните потези на централната банка.

По неговиот извештај, а особено новите податоци за инфлацијата, сѐ посилни се шпекулациите дека Fed ќе ги намали каматните стапки уште во септември. Имено, во јуни потрошувачките цени во САД се намалија за 0,1 отсто на месечно ниво, додека инфлацијата на годишна основа се лизна на 3 отсто, што е најниско ниво во повеќе од три години.