На валутните пазари во средата во претпладневното тргување вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути падна блиску до најниското ниво во една година, бидејќи слабите показатели од американската економија ги зајакнаа шпекулациите дека американската централна банка дополнително ќе ги намали каматните стапки за 0,5 процентни поени на следната седница.
Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 100,30 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 100,90 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 143,50 на 143,35 јени.
Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,1190 долари, блиску до највисокото ниво во последните 13 месеци, додека вчера во ова време изнесуваше 1,1105 долари.
Цените на нафтата, пак, паднаа по вчерашниот раст. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево ослабе за 0,20 отсто, на 75,05 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,32 отсто, на 71,30 долари.