Доларот ослабе, нафтата поскапе

На девизните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути дополнително падна во петокот, па е на пат кон значителна седмична загуба.

Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 102,80 поени, додека во истиот период од тргувањето во четртокот изнесуваше 103,30 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 148,55 на 147,55 јени. Остриот пад на курсот на доларот во однос на јенот е последица на оценката дека јапонската централна банка наскоро може да почне да ја нормализира монетарната политика, по годините на исклучително поддржувачка политика.

Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0950 долари, блиску до највисокото ниво во последните два месеци, додека вчера во овој момент беше 1,0895 долари. Вчера челниците на Европската централна (ECB) очекувано ги оставија каматните стапки непроменети, но сигнализираа дека во јуни можеби ќе почнат да ги намалуваат каматните стапки.

Од почетокот на седмицата еврото во однос на доларот зајакна за околу 1 отсто, а јенот за околу 1,5 отсто.

Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,51 отсто, на 83,40 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,66 отсто, на 79,45 долари.