Доларот ослабе, нафтата поскапе

На девизните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути благо падна во утринското тргување во понеделникот.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, утринава се движи околу 104,32 поени, додека во петокот на затворањето на тргувањето изнесуваше 104,39 поени.

Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од 157,50 на 157,35 јени. Американската валута ослабе и во однос на европската, па цената на еврото достигна 1,0895 долари, додека во петокот вечерта изнсуваше 1,0880 долари.

Цените на нафтата, пак, пораснаа откако минатата седмица паднаа за повеќе од 2,5 отсто. Цената на барелот на лондонскиот пазар утрово зајакна за 0,50 отсто, на 83,05 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,51 отсто, на 80,55 долари.