На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничката валути падна минатата седмица, бидејќи е речиси сигурно дека американската централна банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed) ќе ги намали каматните стапки овој месец, по неколкугодишна рестриктивна монетарна политика.
Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути, минатата седмица ослабна за 0,5 отсто, на 101,19 поени.
Истовремено, курсот на доларот во однос на еврото се лизна за 0,3 отсто, па цената на еврото достигна 1,1085 долари. Американската валута ослабе и во однос на јапонскиот јен, за 2,6 отсто, па нејзиниот курс потона на 142,30 јени.
Сите најнови податоци покажуваат дека инфлацијата во САД слабее, како и пазарот на трудот, додека економскиот раст забавува. Поради ова, американската централна банка отвора простор за намалување на каматните стапки, па доларот е под притисок.
По изјавите на голем број гувернери на Fed, речиси е сигурно дека централната банка ќе ги намали каматните стапки веќе на состанокот во септември. Прашањето е само за колку. Повеќето аналитичари очекуваат намалување на каматните стапки за 0,25 процентни поени, но има и такви кои очекуваат поостро намалување за 0,50 процентни поени.
Јапонскиот јен, пак, силно зајакна бидејќи поради високата инфлација во Јапонија, можно е наскоро тамошната централна банка дополнително да ја заостри монетарната политика.
Европската централна банка (ECB) се очекува дополнително да ги намали каматните стапки во септември, по вторпат од јуни.
Речиси сите податоци покажуваат дека инфлацијата во еврозоната постепено се намалува, што ѝ дава простор на ECB да ги намали каматните стапки. Од друга страна, економијата на еврозоната расте бавно, па затоа се неопходни монетарни стимулации.
Пазарите проценуваат дека има 90 отсто шанси ECB во септември да ја намали каматната стапка на депозитите за 0,25 процентни поени на 3,5 отсто, а пред крајот на годината се очекува уште најмалку еден таков потег.