Доларoт под притисок од изјавите на Пауел, златото на рекордно ниво, поскапе и нафтата

На девизните пазари индексот на доларот ослабе за 0,5 отсто на 104,21 поен, откако претседателот на Федералните Резерви (Federal Reserve – Fed) Џером Пауел во средата потврди дека американската централна банка ќе ги следи показателите уште извесно време пред да почне да ги намалува каматните стапки.

Сепак, индексот на доларот е зголемен за 2,8 отсто од почетокот на годината, бидејќи учесниците на пазарот ги преполовија своите претходни очекувања за овогодишното намалување на каматните стапки за 1,6 процентни поени. Во вторникот тој индекс достигна 105,1 поен, највисоко ниво во последните 4,5 месеци.

Во четвртокот еврото зајакна за 0,6 отсто во однос на доларот, на 1,084 долари, додека јенот ослабна само малку во однос на американската валута, на 151,6 јени за долар, бидејќи инвеститорите стравуваат од девизна интервенција на јапонските власти, што може да следи доколку девизниот курс пробива 152 јени за долар.

Сепак, во споредба со другите светски валути, инвеститорите не се плашат од оваа интервенција, па курсот на еврото скокна за 0,7 отсто, на 164,34 јени, додека канадскиот долар достигна највисоко ниво во однос на јенот во последните 16 години, на 112,31 јени.

Цените на нафтата, од друга страна, достигнаа највисоко ниво во последните пет месеци, бидејќи нападите на Украина врз руските рафинерии доведоа до намалување на залихите на горива, а инвеститорите стравуваат од ширење на војна на Блискиот исток и Иран. На линдонскиот пазар марката Brent поскапе за 30 центи на 89,65 долари за барел, исто како и американскиот WTI,кој претпладнево чинеше 85,73 долари.

Цената на златото достигна ново рекордно ниво од 2.392 долари за унца. Од почетокот на февруари, благодарение на поголемата побарувачка од инвестициските фондови, златото поскапе за 12 отсто.