Доларот во однос на кошницата валути во 2024-та порасна за 6,5 отсто, нафтата пред пад втора година со ред

На валутните пазари во претпладневното тргување во вторникот благо падна вредноста на американскиот долар во однос на кошничката валути.

Индексот на доларот кој ги искажува перформансите на американската во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 107,95 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 107,99 поени. Така, овој индекс годинава е зголемен за 6,5 отсто.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута скокна за повеќе од 10 отсто, па претпладнево се движи околу 156,50 јени.

Годинава американската валута зајакна и во однос на европската за речиси 6 отсто, па цената на еврото последниот ден од годинава се движи околу 1,0415 долари.

Цените на нафтата, пак, втора година по ред се на патот на загубите. Цената на барелот на лондонскиот пазар е во минус во однос на почетокот на годината за околу 3,2 отсто и претпладнево изнесува околу 74,40 долари, додека на американскиот пазар барелот годинава поевтини за 0,6 отсто, па цената е околу 71,65 долари.