Доларот зајакна, цената на нафтата благо падна

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна, по неколкудневниот пад.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 103,58 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 103,37 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 148,05 на 148,30 јени. Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0915 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 1,0955 долари.

Цените на нафтата, пак, благо паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава се лизна за 0,04 отсто, на 82,40 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,03 отсто, на 77,75 долари.