Доларот зајакна, цената на нафтата стагнира

На валутните пазари, вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути се зголеми во петокот во претпладневно тргување,бидејќи доларот се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња.

Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 107,05 поени, блиску до највисокото ниво во една година, додека вчера во истиот пресек од тргувањето изнесуваше 106,56 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 155,05 на 154,55 јени.

Но американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0465 долари, најниско ниво за една година, додека вчера во ова време беше 1,0550 долари. Еврото е под притисок поради ризикот од ескалација на војната меѓу Русија и Украина, кризата на германската влада, неизвесноста за францускиот буџет и бавниот раст на економијата на еврозоната.

Цените на нафтата, пак, стагнираат, по вчерашниот силен раст. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,02 отсто, на 74,20 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,01 отсто, на 70,15 долари.