
На валутните пазари во четвртокот во претпладневното тргување порасна вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути.
Индексот на доларот, кој ја искажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 108,25 поени, додека вчера во истиот пресек од тргувањето изнесуваше 108,08 поени.
Курсот на доларот во однос на јапонската валута се зголеми од вчерашните 155,80 на 156,30 јени.
Американската валута благо зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0410 долари, додека вчера во истиот момент изнесуваше 1,0415 долари.
Цените на нафтата паднаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево падна за 0,34 отсто, на 78,75 долари, додека на американскиот пазар барелот поевтини за 0,33 отсто, на 75,20 долари.