Доларот зајакна, нафтата поскапе

На девизните пазари во вторникот се зголеми вредноста на доларот во однос на кошничката на валути. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 105,95 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 105,70 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 160,95 на 161,55 јени, блиску до највисокото ниво во последните 38 години. Како резултат на тоа, внимателно се следи дали јапонските монетарни власти ќе интервенираат, како што направија неодамна, за да спречат натамошно слабеење на јенот.

И додека порасна во однос на јенот, американската валута стагнира во однос на европската, па цената на еврото се движи околу 1,0735 долари, исто како и ден претходно во истиот период.

Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,27 отсто, на 86,80 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,19 отсто, на 83,55 долари.