Доларот зајакна, раст на цените на нафтата

На валутните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути порасна во средата, по двата дена пад.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнево се движи околу 102,53 поени, додека вчера во истиот период од тргувањето изнесуваше 102,22 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 143,95 на 144,75 јени. И американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,0925 долари, додека вчера во ова време беше 1,0955 долари.

Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево порасна за 0,36 отсто на 77,85 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,47 отсто на 72,55 долари.