Доларот зајакна, рaст на цените на нафтата

На девизните пазари во раното претпладневно тргување во понеделникот се зголеми вредноста на доларот во однос на кошничката на валути.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на другите шест најважни светски валути, претпладнео се движи околу 105,10 поени, додека во петокот на затворањето на тргувањето изнесуваше 104,94 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута зајакна за 0,1 отсто, на 156,85 јени. Американската валута зајакна и во однос на европската, за 0,25 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0775 долари.

Еврото е под притисок бидејќи инвеститорите се загрижени за одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да го распушти парламентот и да распише нови парламентарни избори на крајот од месецот, откако крајно десничарската партија на Марин Ле Пен победи на европските избори во неделата.

Шокантната одлука на Макрон ја потресе политичката сцена, бидејќи крајната десница, која со години е во подредена положба, би можела да дојде на власт на претстојните парламентарни избори во Франција.

Цените на нафтата, пак, пораснаа по минатонеделниот пад. Цената на барелот на лондонскиот пазар претпладнево зајакна за 0,29 отсто, на 79,85 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,28 отсто, на 75,75 долари.