Доларот зајакна во однос на кошницата валути, еврото под притисок

На валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошницата валути порасна минатата седмица, бидејќи американската централна банка нема да ги намали каматните стапки толку брзо како што се очекуваше, додека еврото е под притисок поради политичката неизвесност во Франција.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути, минатата седмица порасна за 0,5 отсто на 105,52 поени. Истовремено, вредноста на доларот во однос на европската валута се зголеми за 0,9 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0705 долари. Порасна и курсот на доларот во однос на јапонската валута, за 0,4 отсто и достигна 157,40 јени.

Јакнењето на доларот е благодарение на минатонеделните пораки од американската централна банка Федералните резерви (Federal Reserve – Fed). На редовната седница, челниците на Fed одлучија каматните стапки да останат непроменети во опсегot од 5,25 до 5,50 отсто, што беше и очекувано. Но, тие ги намалија проценките во однос на каматите.

Пред три месеца челниците на Fed проценуваат дека оваа година би можеле трипати да ги намалат каматните стапки, додека сега очекуваат само едно намалување. Претседателот на банката Џером Пауел на прес-конференција рече дека инфлацијата значително се намалила од својот врв, но дека и понатаму е превисока.

Еврото, од друга страна, беше под притисок бидејќи инвеститорите беа загрижени од одлуката на францускиот претседател Емануел Макрон да го распушти парламентот и да распише нови парламентарни избори на крајот на месецот, откако крајно десничарската партија на Марин Ле Пен победи на европските избори минатата седмица.

Шокантната одлука на Макрон ја потресе политичката сцена, бидејќи екстремната десница би можела да дојде на власт на претстојните парламентарни избори во Франција, а инвеститорите стравуваат дека тоа ќе доведе до значително зголемување на буџетскиот дефицит.

„Партиите од двата краја на францускиот политички спектар најавуваат фискална експанзија. Пазарот најмногу реагира на дополнителен фискален стрес“, објаснува Карл Шамота, стратег во компанија „Corpay“.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер во петокот изјави дека втората по големина економија во еврозоната е изложена на ризик од финансиска криза доколку победи или крајната левица или крајната десница, бидејќи и двете планираат големи зголемувања на владините трошоци.