Доларот зајакна во однос на кошничката валути трета седмица по ред

На валутните пазари вредноста на американскиот долар во однос на кошницата валути порасна и минатата седмица, третпат по ред, бидејќи американската централна банка може да ги задржи каматните стапки на покачените нивоа подолго од очекуваното.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути, минатата седмица порасна за 0,1 отсто, на 103,90 поени. Истовремено, вредноста на доларот во однос на европската валута се зголеми за 0,15 отсто, па цената на еврото се лизна на 1,0795 долари. Доларот, пак, благо ослабна во однос на јапонската валута, за 0,05 отсто, па неговиот курс се лизна на 151,35 јени.

Во пресрет на Велигденските празници по грегоријанскиот каледнар, курсевите на најважните светски валути не флуктуираа премногу, бидејќи немаше позначајни вести кои би можеле да го насочат пазарот.

Во фокусот на инвеститорите беше курсот на доларот во однос на јенот, кој во средината на седмицата го достигна највисокото ниво во последните 34 години, 151,97 јени. Ова не се очекуваше кога јапонската централна банка неодамна ја заостри монетарната политика, ставајќи крај на негативните каматни стапки, по 17 години исклучително приспособлива монетарна политика.

Меѓутоа, бидејќи јенот продолжи да слабее, јапонските власти предупредија дека може да интервенираат на пазарот за да го запрат падот на јенот.
По овие закани, доларот донекаде ослабна во однос на јенот.

Доларот е силен бидејќи поради зајакнувањето на инфлацијата во САД во јануари и февруари, американската централна банка би можела да ги задржи каматните стапки на покачени нивоа подолго време од очекуваното. Шпекулациите на пазарот дека Fed ќе почне да ги намалува каматните стапки во јуни малку стивнаа откако гувернерот на Fed, Кристофер Валер, во средата изјави дека нема причина да се брза со намалување на каматните стапки бидејќи инфлацијата е сè уште покачена.

А на заканите од инфлација укажуваат и последните податоци. Во петокот беше објавено дека цените на производите за лична потрошувачка во февруари се зголемени за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, а за 2,8 отсто на годишно ниво. Тоа е во согласност со очекувањата на аналитичарите, но сепак далеку над целните нивоа на Fed од околу 2 отсто. Како ќе реагира пазарот на овие податоци ќе се види следната недела, со оглед на тоа што многу маркети беа затворени во петокот поради велигденските празници.