На светските валутни пазари вредноста на американскиот долар порасна во однос на кошницата светски валути и минатата седмица, втора по ред, бидејќи американската централна банка Federal Reserve (Fed), ја остави отворената можноста до крајот на годинава уште еднаш да ги зголеми каматните стапки.
Цената на еврото во однос на американската валута зајакна минатата седмица за 0,1 отсто, на 1,1950 долари. Но доларот зајакна во однос на јапонската влаута, па неговиот курс скокна за 1 процент, на 111,95 јени.
Благодарејќи на тоа, индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на шесте најважни светски валути од земјите најголеми трговски партнери на САД, минатата седмица зајакна за 0,3 отсто,м на 92,12 поени.
Подемот на доларот најмногу доаѓа благодарејќи на поракана на гувернерите на американската централна банка по нивната редовна седница дека во декември е можно натамошно зголемување на каматните стапки.
Од почетокот на годинава Fed двапати ги зголеми клучните каматни стапки за по 0,25 процентни поени, а се шпекулираше дека банката ќе се воздржи од натамошно заострување на монетарната политика оваа година, поради тоа што инфлацијата се движи под целените нивоа на централната банка.
Меѓутоа, сега трговците на пазарот на пари проценуваат дека постојат околу 70 отсто шанси дека Fed во декември ќе ги зголеми каматите, додека пред пораките на гувернерите од редовната седница тие шанси изнесуваа околу 50 отсто.
Покрај тоа, од Fed порачаа дека од октомври почнуваат да ги намалуваат своите биланси, при што месечно ќе го намалуваат својот портфељ на државни обврзници и други хартии од вредност за 10 милијарди американски долари.
Меѓутоа, кон крајот на седмицата растот на американската валута загуби на залетот, бидејќи доларот се најде под притисокот на растот на геополитичките тензии меѓу САД и Северна Кореја и обновените воени закани од двете страни. Поради тоа, вложувачите побараа засолниште за капиталот во валутите кои се сметаат за посигурни во несигурните времиња, како што се јапонскиот јен и швајцарскиот франк.