Доли Партон наградена со 100 милиони долари од Џеф Безос

Ѕвездата на американската кантри музика Доли Партон ја прими наградата „Bezos Courage & Civility Award“ во износ од 100 милиони долари, којашто основачот на „Amazon“ Џеф Безос им ја доделува на активисти, филантропи и хуманитарци кои „храбро бараат решенија за актуелните светски проблеми“.

Безос, кој е сопственик и на компанијата за вселенски комерцијални летови „ Blue Origin“, ја најави наградата во петокот заедно со неговата долгогодишна партнерка – водителката на вести Лорен Санчез. Таа на Instagram објави дека Партон е „жена којашто дава од срцето и се води од љубовта и сочувствувањето во секој аспект од својата работа“.

„Одвај чекаме да го видиме сето добро коешто ќе го стори со оваа награда од 100 милиони долари“, напиша Санчез.

Партон во видео инсертот од церемонијата објавен на интернет рече: „Уф! Дали рековте 100 милиони долари?. Мислам дека луѓето кои се во можност да помогнат би требало да ги стават своите пари таму каде што им е срцето. Ќе дадам сѐ од себеси со тие пари да направам добри работи“.

Седумдесет ишестгодишната Доли Партон, кантри госпел и поп пејачка и авторка којашто во повеќедецениската кариера објави многу хитови меѓу кои се и „I Will Always Love You“ и „Jolene” последните години се истакнува со нејзините филантропски активности.

На пример, донираше милион долари на Медицинскиот центар при Универзитетот Вандербилт за да помогне во развој на вакцина во текот на пандемијата на Covid-19. Исто така, основаше низа добротворни здруженија, вклучително и „ Dollywood Foundation“, кое се фокусира на образованието, како и на намалување на сиромаштијата.