Долниот дом на Конгресот на САД изгласа закон за санкционирање на МКС поради Израел

Претставничкиот дом, долниот дом на американскиот Конгрес, гласаше за санкционирање на Меѓународниот кривичен суд (МКС – ICC), протестирајќи против издавањето налози за апсење за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поанешен министер за одбрана Јоав Галант поради израелската инвазија во инвазија во полаестинската енклава Појасот Газа и сторени наводно воени злосторства.

Во четвртокот, Претставничкиот дом усвои мерка со 243 гласа „за“ и 140 „против“ ја усвои мерката со којашто ќе бидат санкционирани странските државјани кои истражуваат, апсат, приведуваат или обвинуваат граѓани на Соединетите држави или сојузничките држави на САД, како што е Израел, кои не се членови на судот.

Сите републиканци, 198 од нив, гласаа за мерката, а 45 демократи им се придружија.

„Америка го усвојува овој предлог-закон затоа што квази-судско тело сака да го уапси премиерот на нашиот голем сојузник, Израел“, рече пред гласањето пратеникот Брајан Маст, републикански челник на Комитетот за надворешни работи.

Гласањето, прво во долниот дом откако новиот Конгрес ја започна својата седница минатата седмица, ја нагласува силната поддршка за израелската влада меѓу републиканците кои сега ги контролираат двата дома.

Претставничкиот дом предводен од републиканците веќе се обиде да го санкционира МКС во јуни, но нацрт-законот никогаш не стигна до Сенатот (горниот дом), кој тогаш имаше демократско мнозинство. Новиот републикански лидер на мнозинството во Сенатот, Џон Тун, сега најави брзо разгледување на нацрт-законот и во тоа тело, за Трамп да може брзо да го потпише по преземањето на функцијата овој месец. Инаугурацијата на Трамп се одржува на 20 јануари.

МКС сѐ уште не ја коментираше одлуката.

Администрацијата на повратникот во Белата куќа, републиканецот Доналд Трамп, веќе воведе санкции на меѓународната организација во 2020 година поради нејзината истрага за потенцијални американски воени злосторства во Авганистан, вклучително и за тортура на заробеници и осомничени.

Санкциите беа укинати од администрацијата на Џо Бајден, иако неговиот државен секретар Ентони Блинкен во мај објави дека е подготвен да соработува со Конгресот на потенцијално воведување нови санкции за МКС за неговата улога во апсењето на израелските лидери.

Новите санкции овозможуваат и кривично гонење на лица кои ја помагаат работата на на највисокио суд на Обединетите нации.

Меѓународниот кривичен суд, сместен во Хаг, е тело кое ги истражува воените злосторства, злосторствата против човештвото, обвиненијата за геноцид и злосторствата за агресија во земјите потписнички. Судот има надлежност на териториите на 125 земји-членки, но не и на САД, Кина, Русија, Индија, Израел, Пакистан, Саудиска Арабија, Турција и Иран, додека Украина која не е потписничка на основачкиот акт најави дека ќе му пристапи.

Палестинската самуправа го потпиша статутот во 2015 година, а судот во 2021 година заклучи дека нејзината јурисдикција се протега на Газа и на Западниот брег вклучително со Источен Ерусалим, територии кои меѓународната заедница ги смета за окупирани палестински од страна на Израел во војната од 1967 година.

Потписниците на Римскиот статут, инаку, се обврзани да ги спроведат налозите за апсење издадени од тој суд.

Владите на некои од потписниците како Ирска, Холандија и Словенија најавија дека ќе ги почитуваат овие наредби, но некои земји, како Франција, Германија, Унгарија или Полска, најавија дека нема да го уапсат израелскиот премиер.

Полска во четвртокот јасно стави до знаење дека израелскиот премиер Нетанјаху нема да биде уапсен доколку присуствува на церемонијата по повод 80-годишнината од ослободувањето на Аушвиц.

МКС ги обвини Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во 15-месечната војна во Газа. Израел ги отфрла овие обвинувања.