Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во четвртокот ја усвои мерката со којашто во последен момент е избегната делумната блокада на федералните владини агенции, но само за една седмица, што е период во кој мора да се случи договор со кој ќе се избегне целосното „затворање“ на владата.
Долниот дом на Конгресот во четвртокот усвои низа мерки со коишто за седум дена се одложува заканата за делумно парализирање на работата на некои агенции на федералната влада во период додека трае кампањата за ноемвриските претседатеслки избори.
Во Претставничкиот дом, 207 демократи им се придружија на 113 републиканци со гласање 320 спрема 99 за одобрување на мерката за краткорочно одложување, со што на Конгресот му се купува повеќе време да се договори за финансирањето за целата фискална година.
Мерката уште треба да ја потврди Сенатот, што се смета за формалност, бидејќи проблемот беше минувањето на оваа мерка во Претставничкиот дом.
Договорот обезбедува продолжување на финансирањето до 8-ми март, со што се избегнува блокирањето на бројни државни агенции и јавни услуги.
Пратениците блиски на поранешниот републикански претседател Доналд Трамп се истрајни во спречувањето на усвојувањето на буџетот за фискалната 2024 година, иако американската фискална година започна уште на 1-ви октомври 2023 година. Оттаму, САД функционираат во моментов со носењето серија мини-закони со коишто буџетот секогаш се продолжува за неколку денови, седмици или месеци.
Доколку рокот истече, што во САД се нарекува „шатдаун“ (исклучување/затворање), листата последици од парализата на работењето на владините агенции: контролорите на летањето би останале без плати, националните паркови без средства за одржување, би се запрело функционирањето на администрацијата…
Ова е четврти пат од октомври да се пролонгира рокот. Мини-буџетот, кој прво го усвојува Претставничкиот дом а потоа Сенатот, на крајот го потпишува претседателот на САД, во случајов Џо Бајден. .
Минаа два месеца откако претседателот на Претставничкиот дом, републиканецот Мајк Џонсон и лидерот на демократското мнозинство во Сенатот, Чак Шумер се договорија за буџетот за оваа фискална година во износ од 1,59 трилиони долари.
Водечките светски рејтинг агенции предупредија дека секогаш истата тензија околу буџетот негативно влијае на кредитниот рејтинг на земјата чиј долг надмина 34 милијарди долари.