Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, домаќин на овогодинешниот самит на Обединетите нации за климата, во вторникот ги критикуваше западните критики на сметка на нафтената и гасната индустрија во неговата земја.
Обраќајќи им се на учесниците на самитот, на кој учествуваат речиси 200 земји, Илхам Алиев ја опиша својата земја како жртва на „добро оркестрирана кампања на клевети и уцени“.
Неколку моменти по Алиев, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, излезе на сцената и рече дека промовирањето фосилни горива е апсурдна стратегија.
Ваквите спротивставени мислења укажуваат на предизвици во срцето на преговорите за климата: додека земјите се поттикнуваат да се префрлат на обновливи извори на енергија, многу земји, вклучително и оние на Запад, продолжуваат да се потпираат на фосилните горива.
„Како претседател на COP29, се разбира дека силно ќе се залагам за зелена транзиција и тоа го правиме. Но, во исто време треба да бидеме реални“, рече Алие, кој ги нарече резервите на нафта и гас на нацијата „подарок од Бога“.
„Земјите не треба да се обвинуваат затоа што ги имаат и затоа што ги продаваат, затоа што му требаат на пазарот. Потребни им се на луѓето“, додаде азербејџанскиот претседател.
Алиев за критиките особено го обвини Европската унија и САД, историски најголемиот светски загадувач.
„За жал, двојните стандарди, држењето уроци на другите земји и политичкото лицемерие станаа модел за однесувањето на некои политичари, државни контролирани невладини организации и медиуми во некои западни земји кои емитуваат лажни вести“, рече Алиев.
Набљудувачите се поделени околу говорот на азербејџанскиот претседател, а некои велат дека тоа не придонесува за резултатите од двонеделниот самит.
„Користењето на климатска конференција за промовирање на фосилните горива… тоа е провокативно, тоа покажува длабоко непочитување кон земјите кои се на првата линија на климатските промени“, рече Ромен Јуалален од невладината организација „Oil Change International“.
Тензиите укажуваат и на недоверба меѓу богатите нации и земјите во развој кои сметаат дека богатите нации не направиле доволно за да ги решат проблемите што ги создадоа.
„Развиените земји не само што не ја исполнуваат својата историска должност да ги намалат емисиите, туку благодарение на фосилните горива тие го удвојуваат економскиот раст. Ова лицемерие ја става на ризик нашата колективна иднина“, вели активистот за климата Харџит Синг.
Американскиот советник за климата Али Заиди ги отфрли критиките на Алиев, велејќи дека светот ќе ги исполни своите цели за климата доколку сите земји се декарбонизираат со брзината што ја прави Америка.
Европската унија не сакаше да го коментира говорот на претседателот на Азербејџан.