Домаќинствата просечно заштеделе 16,32 отсто струја, блок тарифите даваат ефекти

Домаќинствата за 16,32 отсто ја намалиле потрошувачката на електрична енергија во скапа (висока) тарифа, откако се воведени блок тарифите, покажуваат анализите на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Македонија. Согласно податоците, 244 kWh изнесувала просечната потрошувачка на електрична енергија од 1 јули заклучно со 31 октомври во висока тарифа, што е за 16,32 отсто помалку во споредба со истиот период од минатата година кога просечната потрошувачка изнесувала 281 kWh.

„Реформата е успешна, блок тарифите даваат резултати и ја постигнуваат таргетираната цел за рационално користење на електрична енергија. Принципот кој троши повеќе да плаќа повеќе, а кој троши помалку, да плаќа помалку – има ефект и тоа го покажуваат анализите на просечната потрошувачка на струја во висока тарифа каде се регистрира за 16,32 отсто заштеда во потрошувачката од како ги воведовме блок тарифите од 1 јули до 31 октомври“ , изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија.

РКЕ од 1 јули годинава воведе четири блок тарифи со цел за рационално користење на електричната енергија во услови на енергетска криза. Првиот блок е до 210 kWh, вториот е од 211-630 kWh, третиот е во опсег од 631-1050 kWh и четвртиот е над 1050 kWh.