
-Потрошувачката на електрична енергија во терминот за евтина струја, нема да влезе во блок тарифите според новиот тарифник, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимовски.
Регулаторна комисија објави калкулатор за граѓаните и тие самите ќе можат да проверат колку трошат и плаќаат струја сега, а колку за истата потрошувачка ќе плаќаат кога плаќањето ќе биде по тарифи. Споредбата на сметки ќе се прави онлајн.
Повисоки сметки за струја ќе плаќаат оние кои трошат над 420 киловат часови електрична енергија во висока тарифа.
„Нафта немаме, природен гас немаме, имаме хидроенергија, од која зависиме од Господ“, посочи Бислимоски.
Професорот Рубин Талевски од ФЕИТ повтори дека најголем дел од домаќинствата месечно трошат од 300 до 700 киловат часови еструја во зимскиот период, а нешто помалку во летниот период, а само еден процент трошат повеќе од 3.000 киловат часови. Со новиот вид на тарифирање, 93 отсто од потрошувачите ќе бидат во првата и втората блок тарифа, односно за 210 или од 211 до 420 киловат часови електрична енергија. За нив струјата ќе биде поевтина или во рамки на сегашната цена. Во третиот блок со потрошувачка од 521 до 630 киловат часови се 4 отсто од домаќинствата, а во четвртиот се оние кои трошат над 630 киловат часови електрична енергија и тие се 3 отсто од потрошувачите за кои цената ќе биде повисока.
РКЕ објави калкулатор за ТС за универзален снабдувач, на кој секој може да си пресмета сметки според блок тарифи, а исто така и за потрошена топлинска енергија.
Кај електричната енергија, се внесува износот на потрошени киловат-часови од задната страна на месечните фактури, а за да се добие подобра претстава за потрошените киловатчасови за загревање, препорачливо е да се одбијат просечните месечни од летниот период.
За пресметка на трошокот на топлинска енергија, единствено е потребно да се внесе грејната површина на станот, со што се добива просечниот месечен трошок за греење со овој вид енергија. Во делот на топлинската енергија има опција потрошувачите да пресметаат и колкав е просечниот трошок доколку се исклучени од топлификациониот систем.