Домашните фирми бараат да го градат кампот за работниците на Бехтел и Енка  

Велешката фабрика БРАКО се јави на повикот на конзорциумот Бехтел и Енка за изградба на камп во близина на Гостивар за сместување на повеќе од илјада работници кои ќе го градат автопатот 10.

БРАКО даде понуда за набавка на 104 објекти од монтажен, префабрикуван и контејнерски модуларен систем за групно домување, работни простории и други објекти за потребите на работниот камп, кој ќе се протега на површина од над 300 илјади м2., како и за сите потребни елементи: греење, ладење, опрема и мебел, противпожарен алармен систем, ИТ систем, внатрешни инсталации, водовод, канализација, електро инсталации и опрема, системи на вентилација итн., како и транспорт на добрата до локација.

Од БРАКО сметаат дека македонски компании и македонски работници треба да добијат најголем дел од работите при изградбата на автопатот 10, како што Владата му вети на македонското стопанство, и наведуваат дека како домашна фирма ќе се борат да ја добијат работата.

Од компанијата сметаат дека Македонија има капацитет да одговори на секој проект и дека македонските фирми не треба да бидат во втор план, зад странските.

Пред три години БРАКО ги обезбеди префабрикуваните контејнерски системи за здравствените објекти во ковид кризата, т.н. модуларни болници кои државата итно ги побаруваше, а потоа изгради и нови современи амбуланти во Скопје кои ги заменија старите дрвени бараки поставени пред 60 години.

БРАКО вчера соопшти и дека е регистриран од страна на НАТО за нивен потенцијален снабдувач и дека ќе се обиде да и продаде македонски производи на Алијансата.