Домашни порази на Сити и Челзи, успешен старт на Солскјер со Јунајтед

Саботните натпревари од 18-то коло на англиското фудбалско првенство донесоа две големи изненадувања, Манчестер Сити дома беше поразен од Кристал Палас со 2:3 а Челзи од Лестер со 0:1, додека Манчестер Јунајтед во Кардиф забележаа висока победа од 5:1 во првиот дуел под водство на новиот тренер Оле Солскјер во последниот натпревар од саботната програма на 18-то коло на англиската Премиер лига.

Погодоците за Манчестер Јунајтед ги постигнаа Маркус Рашфорд во 3, Андре Ерера во 29, Ентони Мартила во 41 и Џеси Лингард во 57 од пенал и во 90 минута, а за домашните погоди Камараса во 38 минута од пенал. Јунајтед сега шести со 29 бодови, а Кардиф Сити остана 17-ти со 14 бодови.

Херојот од финалето на Лигата на шампионите во 1999 година за Манчестер Јунајтед, 45-годишниот Норвежанец Оле Гунар Солскјер, кој на клупата на „Црвените ѓаволи“ го замени сменетиот Португалец Жозе Мурињо, имаше успешен старт на гостувањето кај Кардиф Сити.

Голем дел од фудбалските навивачи очекуваа нова победа на Манчестер Сити и одржување на чекорот со водечкиот Ливерпул, а по водечкиот гол на Илкај Гундоган во 27 минута, се чинеше дека „Граѓаните“ рутински ќе го одработат и овој дуел. Но фудбалерите на Кристал Палас им приредија непријатно изненадување на навивачите на Сити. Во 33 минута Џефри Шлап израмни за 1:1., а веќе во 35 минута Андрос Таузенд го постигнува еден од најубавите погодоци во досегашниот дел од првенството. Одбиената топка со фантастичен волеј удар од 25 метри просто ја закова во горниот лев агол. Во второто полувреме следеше и нов шок за домашните, кога во 51 минута Лука Миливојевиќ реализираше пенал за водство на Кристал Палас од 3:1. Иако Сити доминираше во второто полувреме, неговите играчи успеаја само да го ублажат првиот пораз сезонава на домашен терен со помалку случајниот гол на Кеви Де Брујне чиј центаршут доби непријатно вртење и заврши во аголот од противничкиот гол во 85 минута.

Манчестер Сити сега со 44 бодови заостанува четири бодови зад водечкиот Ливерпул кој во петокот го совлада Вулвехемптон со 2:0. Кристал Палас, пак, освои важни бодови во борбата за опстанок во Премиер лигата, и сега е 14-ти со 18 бодови.

Челзи на својот „Стемфорд Бриџ“ беше поразен од Лестер со погодокот на Џејми Варди во 51 минута. Челзи по овој пораз останува на четвртото место со 37 бодови, додека Лестер во моментов е деветти со 25 бодови.

Студен туш на домашен терен доживеа и Вест Хем, кој по четирите последователни победи го пречека Вотфорд и беше поразен со 0:2, а стрелци беа Трој Денеј во 30 минута од пенал и Жерар Деулофе во 87 минута. Вест Хем се задржа на 12-то место со 24 бодови, додека Вотфорд потврдува дека е најпријатното изненадување во овој дел од сезоната и е на високото седмо место со 27 бодови.

Саутемптон под водство на австрискиот тренер Ралф Газенхулт, ја оствари и втората победа, и тоа на гости со 3:1 против Хадерсфилд. За гостите стрелци беа Редмондо во 15, Ингса од пенал во 42 и Обафеми во 71 минута, додека домашните погодија во 58 минута преку Билинг. Хадерсфилд сѐ повеќе ги губи изгледите дека може да се надева на опстанок, и е претпоследен 19-ти со само 10 бодови, а Саутемптон си ги поправа шансите и со 15 бодови моментално е 16-ти.

Њукасл и Фулам одиграа без голови, па со по еден бод повеќе на контото не направија посериозен исчекор на табелата, и сега се на 15-то место со 17 бодови, односно гостите остануваат на последното место сега со 10 бодови.

Борнмут со головите на Брукс во 21 и 77 минута го совлада дома Брајтон. Борнмут сега е осми со 26 бодови, а Брајтон е 13-ти со 21 бод.

Во првиот саботен дуел Арсенал пред своите навивачи го победи Барнли со 3:1. Два гола постигна Обамејанг, во 14 и во 48 минута и сега има 12 голови на чело на најдобрите стрелци во Премиер лигата, еден повеќе од напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах. Третиот погодок за лондонските „Топчии“ го постигна Аујоби во првата минута од судиското продолжение, а претходно во 63 минута Барнес намали. Арсенал е на петтата позиција со 37 бодови, а Барнли е 18-ти со 12 бодови.