Доналд Трамп ги повика американските законодавци да го отфрлат законот за потрошувачката

Новоизбраниот претседател Трамп во средата ги повика американските законодавци да го отфрлат нацрт-законот за привремено финансирање на владата и три дена пред истекот на финансирањето побара од Конгресот да ја зголеми горната граница за долгот, зголемувајќи ја со тоа можноста за делумно затворање на владата.

Трамп и новоизбраниот потпретседател Џеј-Ди Венс ги повикаа пратениците да донесат поинаков нацрт-закон за привремената потрошувачка од оној што беше претставен во вторникот, без она што го нарекоа „подароци од демократите“. Трамп, исто така, ги повика пратениците да го искористат законот за решавање на плафонот на националниот долг.

Тоа би можело да ги искомплицира напорите да се спречи „затворањето“ на владата што би го нарушило сè, од воздухопловниот сообраќај до спроведување на законите во деновите пред божикните празници на 25-ти декември. Тоа би било прво „затворање“ на владата по она што траеше од декември 2018 до 2019 година, за време на првиот четиригодишен мандат на Трамп во Белата куќа.

Демократите во моментов го контролираат Сенатот, а демократскиот претседател Џо Бајден ќе остане на функцијата додека Трамп не ја преземе функцијата на 20-ти јануари.

Сегашниот предлог-закон ќе ги финансира владините агенции на сегашното ниво и ќе обезбеди 100 милијарди долари за помош при катастрофи и 10 милијарди долари за помош на фармите. Тоа вклучува и широк опсег од одредби како што се зголемување на платите на пратениците и сузбивање на скриените хотелски надоместоци.

Трамп и Венс рекоа дека Конгресот треба да го ограничи предлог-законот на привремени трошоци и помош при катастрофи и да го зголеми плафонот на националниот долг.

„Ако демократите не сакаат да соработуваат на горната граница на долгот, зошто некој мисли дек атоа би го сторил во јуни за време на нашата администрација?“, се вели во соопштението на Трамп и Венс.

Ќе биде потребен двопартиски договор за да мине секој предлог-закон за потрошувачката преку Претставничкиот дом, каде републиканците имаат тесно мнозинство, како и во Сенатот.

Мерката за запирање е потребна затоа што Конгресот не успеа да усвои регуларна легислатива за трошење за фискалната година што започна на 1-ви октомври. Не ги опфаќа програмите за бенефиции како што е социјалното осигурување, кои продолжуваат автоматски.

Американската влада потроши повеќе пари отколку што примаше повеќе од 20 години, бидејќи демократите ги проширија програмите за здравствена заштита, а републиканците ги намалија даноците, а стареењето на населението се предвидува да ги зголеми трошоците за пензиските и здравствените програми во наредните години. Постојаното зголемување на долгот ќе ги принуди пратениците да го подигнат плафонот за задолжувањето во одреден момент, или сега или кога овластувањето за задолжување ќе истече следната година. Непостапувањето може да ги шокира пазарите на обврзници со потенцијално сериозни економски последици.

Коментарите на Трамп дојдоа откако неговиот сојузник Илон Маск изврши притисок врз Конгресот да го отфрли нацрт-законот и рече дека оние што го поддржуваат треба да бидат отстранети од функциите.

Работата на различни владини оддели, вклучително и агенции како Пентагон и НАСА кои соработуваат со компаниите на Маск, ќе биде попречена доколку Конгресот не дејствува пред сабота, забележува Reuters.