Доналд Трамп: Обвинуван за предизвикување поделби има намера да добие нов мандат

Доаѓањето на Доналд Трамп на претседателското место на Соединетите држави, кое го извршуваше од 2017 до 2021 година, урна многу претпоставки и табуа, но можеби исто толку изненадувачки, тој надмина два импичмента, кривична пресуда и други пречки за повторно да се кандидира за Белата куќа.

Доналд Трамп всушност ја презеде Републиканската партија, а потоа и Белата куќа на изборите во 2016 година. Тој е решен повторно да стане претседател оваа година. Неговата изненадувачка победа над Хилари Клинтон во 2016 година, кога тој се претстави како аутсајдер и вети дека ќе донесе бизнис остроумност во Белата куќа, го потресе американскиот политички систем и суштински ја промени Републиканската партија.

Во 2024 година, четири години по поразот од Џо Бајден, тој сè уште се претставува како човек кој ќе ја разниша американската политика со тоа што ќе им се спротивстави на корумпираните елити. Притоа, тој остана доследен на својот дрзок стил на кампањата и е склон кон теории далеку надвор од наративот на мејнстримот, ретко пропуштајќи прилика лично да ги навреди или понижува своите противници.

Ако Трамп победи, со 78 години тој ќе стане најстарата личност во историјата на САД што била избрана за претседател.

Роден на 14 јуни 1946 година, тој е четврто од петте деца на Фредерик Трамп, магнат за недвижнини кој му остави на семејството мала империја во Њујорк. Родителите на Трамп го испратија на воена академија на 13-годишна возраст. Идниот претседател подоцна студирал на Универзитетот Фордам, а потоа посетувал предавања на престижната школа за бизнис Вартон на Универзитетот во Пенсилванија.

По дипломирањето на Вартон, се приклучил на бизнисот на неговиот татко и станал претседател на семејниот бизнис во 1974 година, преименувајќи го во „Trump Organization“. Следеа инвестиции во хотели, казина, терени за голф, луксузни апартмани и избори за убавина.

Како ѕвезда на реалното телевизиско шоу „The Apprentice“, тој уживаше да им пренесува лоши вести на неуспешните натпреварувачи. Отсечно им велеше: „Отпуштени сте“.

Трамп одвреме-навреме се занимаваше со политика, но се чини дека најмногу го поттикна на тоа администрацијата на демократскиот претседател Барак Обама, кога милијардерот се претвори во десничар.

Неговите критичари, вклучително и неколку истакнати членови на неговата прва администрација, го опишуваат како „хаотичен, раздор и закана за демократијата“. Генералот Џон Кели, неговиот поранешен началник на Генералштабот, неодамна го спореди со „фашист“. Меѓутоа, зборувајќи за тоа Трамп возврати и призна дека во првиот мандат не успеал да се справи докрај со „вашингтонското мочуриштет“, како што го опишува неоконзервативниот естаблишмент со длабоки корени меѓу демократите и републиканците, како и во администрацијата во Вашингтон, мејнстрим медиумите и водечките деловни кругови.

Неговата реторика на митинзите беше сурова и тмурна, користејќи понекогаш дури и директни вулгарни навреди, обвинуван за лажни тврдења и заканувачки предупредувања, а внимание преизвика кај неговите противници како што е неговата неодамнешна сугестија дека може да ја искористи војската за да се справи со она што тој тврди дека е „непријателот однатре“.

Како и во 2016 година, оваа изборна кампања во прв план го стави спротиставувањерто на огромната, неконтролирана и нелегална имиграцијата. Трамп во 2016 година рече дека некои мексикански имигранти биле силувачи и убијци, а оваа година ги обвини имигрантите од Хаити дека без никаква основа јадат домашни миленици во Спрингфилд, Охајо. Тоа тврдење го повтори и неговиот потпретседател, сенаторот од Охајо, ЏејДи Венс, што се смета за тег во изборната трка на овој двоец.