Опозицискиот челник Јарослав Качински може да здивне, зашто премиерот Доналд Туск си најде нов непријател. Додека Полска се бори со последиците од големите поплави предизвикани од обилните дождови низ Централна Европа, полскиот премиер ги обвини дабарите за подгревање на проблемот, пишува Politico.
Туск на неодамнешниот кризен состанок рече дека дабарите им се закануваат на браните и насипите.
Дабарите градат свои брани за да создадат удобни живеалишта за нивните семејства кои ќе ги заштитат од предатори. Сепак, според некои научници, со кои Туск очигледно се согласува, дабарите можат да ги оштетат речните брегови и да ги ослабат насипите со копање.
„Понекогаш треба да изберете помеѓу љубовта кон животните и безбедноста на градовите, селата и стабилноста на насипите“, рече Туск, додавајќи дека е неопходно да се одбрани инфраструктурата од дабарите и дека владата ќе дозволи каква и да е акција, во рамките на законот, за заштита на насипите од овие глодари.
„Направете сѐ што е потребно, јас ќе ги бранам тие одлуки. Насипите се апсолутен приоритет денес“, рече Туск.
Исклучителното количество врнежи во септември доведе до катастрофални поплави низ централна Европа. Најмалку 16 луѓе ги загубија животите, градовите во Чешка и Полска се евакуирани, патиштата се затворени, а бројни настани се откажани.
Полската влада распореди војска во најтешко погодените области, потсетувајќи на слични катастрофални поплави во 1997 и 2010 година.
Анджеј Чех, научник за животна средина и стручњак за дабари, вели дека коментарите на Туск се „глупости“ и дека владата во Варшава ги користи дабарите за „чисто политички“ цели.
„Ова беше објавено само за да се покаже дека владата најде ефективно и брзо жртвено јагне за поплавите“, изјави Чех за Politico.
Покрај тоа, ловците и фармерите формираат моќно лоби кај еден од коалиционите партнери на Туск, селско-конзервативната партија PSL, според Чех.
„Фармерите главно се против дабарите бидејќи понекогаш ги поплавуваат полињата и земјоделските култури“, продолжи научникот, додавајќи дека само „два проценти од живеалиштата на дабарите“ се проблематични.
„Ловците сакаат да го поправат својот лош имиџ во јавноста прикажувајќи се себеси како спасители што решаваат проблеми и надевајќи се дека ќе добијат пари од даночните обврзници за да ги убијат дабарите, исто како што добија за пукање на диви свињи за време на вирусот на африканската свинска чума“, рече тој.
„Народот ќе биде среќен бидејќи нешто брзо се прави, а ловџиите ќе ги добијат парите на даночните обврзници“, додава.
Чех предлага поедноставен начин за заштита на насипите од дабари: со поставување мрежи околу нив. Експертот призна дека тоа не е решение со кое може претерано да се пофали, но тврди дека е многу поевтино од плаќањето на луѓето да ловат дабари.
Екологистите тврдат дека дабарите не придонесуваат за природни катастрофи како поплави, шумски пожари и суши, туку се клучен дел од решението со поддршка на здрави мочуришта кои за возврат апсорбираат јаглерод диоксид и бавни реки.
На крајот на 90-те, дабарите беа на работ на истребување во Европа, но благодарение на напорите на конзерваторите, сега има над 1,2 милиони од нив низ целиот континент.
„Бабарите работат бесплатно, работат за време на викендите, работат деноноќно – ги зголемуваат подземните води и ја зголемуваат биолошката разновидност“, вели Герхард Шваб, експерт за дабари од германската сојузна покраина Баварија.