Доналд Туск положи заклетва како премиер на Полска

Проевропскиот полски премиер Доналд Туск денеска положи заклетва, со што официјално стави крај на осумгодишното националистичко владеење во Полска, што често доаѓаше во конфликт со Брисел.

Министрите во неговата влада, исто така, положија заклетва пред конзервативниот претседател Анджеј Дуда, сојузник на претходната влада на партијата Право и Правда (ПиС).

Церемонијата на полагање заклетва се одржа во претседателската палата во Варшава и го претставува последниот чекор во транзицијата на власта и крајот на осумте бурни години владеење на националната конзервативна партија Право и Правда.

Промената на власта уследи по изборите на 15 октомври на кои победи група партии кои учествуваа одделно и ветија дека ќе работат заедно под водство на Туск за да ги обноват демократските норми нагризани под владеењето на партијата Право и Правда и да ги поправат врските со сојузниците кои исто така беа затегнати.

Туск и министрите пристигнаа во претседателската палата со автобус со црвено-белите бои на националното знаме и натпис „Благодарам Полска“, а беа пречекани од бројни поддржувачи.

Парламентот синоќа и изгласа доверба на владата на Туск, а тој одржа инаугуративен говор во кој вети дека ќе бара Западот да продолжи со поддршката за Украина.

Туск ќе учествува на Самитот на ЕУ утре и задутре. Покрај обидот да ги деблокира средствата за Полска, Туск ќе работи и на поддршка за членството на Украина во Европската Унија.