Донарума сака да остане во Милан, но не за намалена плата

Дваесет и едногодишниот италијански голман Џанлука Донарума сака да го продолжи договорот со Милан, но не е подготвен на намалување на платата, пренесуваат италијанските медиуми.

Донарума, иако многу млад во моментов е еден од најдобрите европски голмани, сака да остане во Милан бидејќи поникна во неговата младинска школа. Во летото 2017 година на 17-годишна возраст го потпиша првиот професионален договор со Милан, според кој има плата од 6 милиони евра и нема намера да се согласи на помала сума.

Меѓутоа, сопствениците на Милан, американската инвестициска компанија „Elliott Management“, сакаат да воведат ткн „селари кап“, а платата на Донарума не би се вклопувала во нивниот план.

Договорот на Донарума со Милан истекува во јуни следната 2021 година, а во своите редови сакаат да го видат многу европски фудбалски гиганти, како што се Јувентус, Реал Мадрид и Пари Сен Жермен.