Донаторска кампања „Од срце за срце“ за децата од СОС од Детско село

„Биди креативен и помогни“ е пораката со која се повикуваат сите граѓани да го дадат својот придонес во мисијата за испраќање на децата од СОС Детско село на летен одмор во рамки на донаторска кампања „Од срце за срце“.

Кампањата која почнува денеска е во организација на СОС Детско село, Шпаркасе Банка и Медиа Принт Македонија..

– Во периодот од 7 април до 15 мај годинава децата ќе треба да испратат свој цртеж, песничка, краток расказ или други креативни дела на е-пошта: odsrcezasrce@sos.org.mk. Сите креативни дела треба да бидат означени со име и презиме, како и година на раѓање. Испратените дела ќе бидат постирани на фејсбук-страницата „Од срце за срце“, а дел и во месечните списанија за деца од 2-12 години, „Играј!“ и „Направи сам“, се вели во соопштението од СОС Детско село.

Во јуни 100 креативни дела ќе бидат публикувани во книга под наслов „Од срце за срце“, од чија продажба сите средства ќе бидат донирани во СОС Детско село. За најдобрите три дела следуваат подароци.

Граѓаните, како што е наведено во соопштението, ќе може да се вклучат и со донирање, согласно своите можности, преку посебната трансакциска сметка на СОС Детско село во Шпаркасе Банка број 250-1010002868-04. Донациите ќе може да се реализираат и со повик на хуманитарниот телефонски број 143 456 на сите три мобилни оператори Т-Мобиле, ВИП и ОНЕ. Секој повик чини 100 денари + ДДВ.