Собранието денеска го донесе новиот Закон за високо образование. Со овој закон се уредуваат автономијата на Универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање, статусни промени и престанок на високообразовните установи, нивната дејност, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност, правата и обврските на студентите, признавањето на странските високообразовни квалификации и надзорот над работата на високообразовните установи.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска во своето обраќање до пратениците во Собранието рече дека посебен фокус е ставен на контролата на квалитетот во високото образование.
Затоа досегашниот Одбор за акредитација и евалуација е поделен на две тела – посебно тело за евалуација на квалитетот на високото образование и посебно тело за акредитација.
– Вака ќе се обезбеди и контрола на акредитираните програми, со цел да се утврди дали акредитираните институции го обезбедуваат квалитетот што тие го предвиделе – рече Дескоска.
Според неа нов начин на студентско организирање, нови институции кои ќе ги мерат квалитетот и работата на високообразовните институции, повеќе надлежности се враќаат во рацете на професорите, односно наставно-научните совети, а слабее моќта на деканите и на ректорите. Ова се само дел од промените што ги носи новиот Закон.