Донесен Законот за продолженото породилно на 15 месеци за повеќе деца

Собранието на Република Македонија денеска ги донесе измените на Законот за работни односи со кои се продолжува породилното отсуство за мајките кои ќе родат две, три или повеќе деца одеднаш, пренесува МИА.

Измените беа донесени со 63 гласови и ниту еден против и воздржан, а предвидуваат наместо 12 месеци породилното отсуство дат трае 15 месеци за мајките кои ќе родат две, три или повеќе деца одеднаш.

Поддршка од пратениците, без ниту еден против и воздржан, добија и измените и дополнувањата на Законот за архивски материјал кој овозможува значително поедноставување на канцелариското работење и растоварување од обврските на приватниот сектор.

Според измените, правните лица се поделени во две групи – првата, со максимум 49 вработени има единствена обврска да го архивира материјалот од трајна вредност за државата, науката и културата, и втората со 50 и повеќе вработени која има обврска да води единствено основна евиденција.

Правните лица со најмногу 49 вработени се должни да донесат план на архивски знаци со листа на архивски и документарен материјал. Во случај на престанок на работа, правниот субјект е должен да го предаде архивскиот материјал на својот следбеник или доколку нема, на Државниот архив.

Собранието на денешното продолжение на седницата ги донесе и измените на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост и измените и дополувањата на Законот за спорт.